ПРВ.мк
Црна Хроника

ЕПИДЕМИОЛОШКИ АЛАРМ: Опасна болест забрзано се шири, децата се најзагрозени

ЕПИДЕМИОЛОШКИ АЛАРМ: Опасна болест забрзано се шири, децата се најзагрозени

Министерството за здравство во Газа денеска прогласи епидемиолошки аларм на целата територија на Појасот Газа поради наглото зголемување на бројот на заболени од менингитис, при што особено загрозени се децата и новороденчињата.

Според податоците на здравствените власти, од почетокот на годината од оваа болест починале 15 лица, од кои пет во периодот од август до октомври.

Нидал Гонеим од Министерството за здравство соопшти дека само во октомври биле регистрирани 272 случаи на менингитис, наспроти претходните 30 до 50 случаи месечно.

Во октомври биле евидентирани 108 случаи на бактериски менингитис, додека од почетокот на ноември биле регистрирани уште 100 случаи од овој облик на болеста.

Менингитисот претставува воспаление на обвивките на мозокот и 'рбетниот мозок, кое може да биде предизвикано од вируси или бактерии. Бактерискиот менингитис може да предизвика трајни здравствени последици или смрт и бара итно медицинско лекување.

Здравствените власти во Газа го поврзуваат ширењето на инфекцијата со уништената инфраструктура, пренатрупаните засолништа и загадувањето на водата за пиење со отпадни води. Дополнително, дождовите и поплавите ја влошиле состојбата.

Министерството ги обвини израелските власти дека го попречуваат доставувањето опрема за поправка на инфраструктурата, средства за дезинфекција и гориво.

Од Светската здравствена организација и УНИЦЕФ е побарана итна помош во обезбедувањето антибиотици, лабораториски материјали и простории за изолација на пациентите.

Според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања, бебињата помлади од една година сочинувале 77 отсто од 202 поединечно евидентирани случаи до 5 ноември.