Голема кражба е регистрирана во косовската компанија „М-Технолоџи“, во селото Лебане во близина на Приштина, од каде што непознати сторители украле вкупно 275.300 евра во готовина.
Според информациите што ги пренесуваат косовските медиуми, кражбата се случила во раните утрински часови на 23 ноември.
Сторителите насилно влегле во просториите на компанијата, при што оштетиле и искршиле вкупно девет врати. Нивна мета биле два сефа во кои се чувале значителни суми пари.
Од едниот сеф биле украдени 100.000 евра, додека од другиот сторителите однеле дополнителни 175.300 евра.
Веднаш по пријавувањето на кражбата, на местото пристигнале полициски екипи, кои започнале со прибирање докази и утврдување на околностите под кои бил извршен грабежот.
За случајот бил известен и надлежниот јавен обвинител, кој го квалификувал кривичното дело како тешка кражба.
Полицијата засега не го открила идентитетот на сторителите, а нема информации ниту за тоа колку лица учествувале во грабежот.
Истрагата продолжува со цел пронаоѓање на осомничените и украдените пари.








