Досега необјавени делови од личниот дневник на покојниот папа Франциск откриваат непознати детали за неговиот духовен живот, внатрешните борби и искуствата за кои верувал дека претставуваат средби со ѓаволот.
Според хрватскиот портал „Експрес“, записите се објавени во книгата „Приватниот дневник на папата Франциск“, која ја приредил аргентинскиот кардинал Виктор Мануел Фернандез, еден од неговите најблиски соработници.
Хорхе Марио Бергољо, како што било вистинското име на папата Франциск, во дневникот опишал најмалку три искуства за кои верувал дека биле физички појавувања на Сатаната.
Првата наводна средба се случила додека се возел во автомобил, втората во капела на кармелитски монахињи, а третата за време на состанок во Рим во 2018 година, кога веќе бил поглавар на Католичката црква.
„Ме гледаше со огнени очи“, запишал Франциск, опишувајќи едно од своите искуства.
Во запис од 7 јуни 2018 година, папата навел дека претходната вечер, додека се подготвувал за спиење, видел нешто што го доживеал како порти на пеколот.
Дневникот открива и дека во текот на 2021 и 2022 година Франциск минувал низ длабока духовна криза, преиспитувајќи ги сопствените слабости, одлуки и односот кон моќта.
Излезот од таа криза го пронашол во верата, Божјата милост и прифаќањето на сопствените ограничувања.
Папата започнал да го води дневникот во декември 1992 година, а последните објавени записи датираат од август 2024 година, осум месеци пред неговата смрт.
Книгата има 160 страници, објавена е на пет јазици и е достапна во 94 земји. Таа не го содржи целиот дневник, туку избрани записи проследени со коментари на кардиналот Фернандез.
Опишаните средби со ѓаволот претставуваат лични духовни искуства и верувања на покојниот папа.






