ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ НА УЛИЦА БЕЗ ЧАДОР: Стотици илјади птици ги окупираа улиците, жителите очајни поради бучавата и смрдеата од изметот!

(ВИДЕО) НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ НА УЛИЦА БЕЗ ЧАДОР: Стотици илјади птици ги окупираа улиците, жителите очајни поради бучавата и смрдеата од изметот!

Стотици илјади сколовранци се собраа во Рим, создавајќи сериозни проблеми за жителите поради гласната бучава, изметот и непријатниот мирис што го оставаат зад себе. Градските власти веќе преземаат мерки за да ги насочат птиците подалеку од густо населените делови на италијанската престолнина.

Сколовранците, познати по впечатливите синхронизирани летови, секоја зима мигрираат од Северна Европа кон Италија во потрага по потопли услови. Рим им нуди засолниште од предаторите, особено во текот на ноќта, поради што во градот се формираат огромни јата.

Советникот за животна средина во општината, Матео Зоки, за италијанскиот портал „Рома тудеј“ изјавил дека администрацијата активно работи на решавање на проблемот и разгледува зелени површини каде птиците би можеле да бидат насочени, со цел да се намали нивното присуство во населените делови.

Жителите се жалат на секојдневните проблеми што ги предизвикуваат птиците, особено поради потребата од постојано чистење на улиците.

„Ги има стотици илјади. Имавме многу проблеми бидејќи моравме постојано да ги чистиме улиците“, изјавил еден жител, посочувајќи дека состојбата на плоштадот Џонио е нешто подобра во споредба со претходните недели, благодарение на интервенциите на надлежните и соработката со граѓаните.

Целта на градските власти, како што се наведува, не е да ги отстранат птиците, туку да ги пренасочат кон други локации, за јавните површини повторно да можат нормално да се користат.

Јатата ги покриваат улиците, тротоарите и автомобилите

Сколовранците, кои во изминатите недели создаваа сериозни проблеми во римската населба Прати Фискали, делумно се повлекле од плоштадот Џонио по интервенциите, но се распоредиле на околните улици, меѓу кои Монте Вилјо, Капраја и улицата Деи Прати Фискали.

Птиците ноќе се собираат во крошните на дрвјата, предизвикувајќи силна бучава, додека изметот ги покрива улиците, тротоарите и паркираните автомобили. Некои жители се принудени да користат чадори за да се заштитат, а други избегнуваат да ги остават возилата под дрвјата.

Градските власти оваа недела спроведоа тридневна акција за растерување на јатата, при што користеле ласерски зраци, снимки со предупредувачки звуци на сколовранците и обучена птица грабливка по име Џеронимо.

Дел од жителите се обидуваат да ги оддалечат птиците и со пиротехнички средства, но експертите предупредуваат дека сколовранците со текот на времето можат да се навикнат на бучавата. Во меѓувреме, комуналните служби продолжуваат со чистење на улиците што се најпогодени.

Според Алесандро Монтемаџори, експерт од римскиот универзитет „Ла Сапиенца“, сколовранците мигрираат во Рим веќе околу осум децении. Пред десетина години нивниот број се проценувал на приближно еден милион, но денес се смета дека популацијата би можела да биде двојно помала.

И истражување спроведено во 2021 година покажало умерено намалување на популацијата на сколовранци во Италија.

ВИДЕО