Едно лице е приведено во рамки на истрагата за убиството што викендов се случи во близина на Смилковското Езеро, каде 38-годишен маж беше пронајден мртов откако бил застрелан, дознава телевизија Телма.
Според првичните информации, приведеното лице се сомничи за поврзаност со убиството, а неговото приведување следува по истрагата што беше отворена за случајот.
Телото на 38-годишниот маж било пронајдено во саботата рано наутро, околу 6:15 часот, од случаен минувач. Според снимките од безбедносните камери, вклучително и камерите од системот „Безбеден град“, жртвата на локацијата каде што била пронајдена се наоѓала неколку минути пред 5 часот.
Телефонот на починатиот бил пронајден во неговиот автомобил. Тој бил ранет во ногата, при што бил погоден во артерија и дошло до обилно крварење. Според досегашните информации, не успеал да повика помош.
Истрагата продолжува, а се очекува да бидат утврдени сите околности и мотиви поврзани со убиството.






