Најмалку седум лица се повредени во експлозија и пожар што избувнаа во голема нафтена рафинерија во Бангкок, главниот град на Тајланд, поради што беше наредена евакуација на населението од околните подрачја.
Според информациите од медицинскиот центар „Ераван“ во Бангкок, четворица од повредените се наоѓаат во критична здравствена состојба.
Граѓаните добиле итно предупредување на своите мобилни телефони, со препорака да го избегнуваат подрачјето околу нафтениот комплекс.
Градските власти соопштиле дека пожарот бил изгаснат за помалку од еден час по инцидентот, пренесува Асошиејтед прес.
Компанијата „Бангчак“, во чија сопственост се рафинеријата и складиштето, го потврди инцидентот и соопшти дека во тек е истрага за утврдување на причините за експлозијата.
На драматичните видеоснимки објавени на социјалните мрежи се гледа густ црн чад што се издига над источниот дел на Бангкок.
Рафинеријата има капацитет за преработка на 120.000 барели дневно и е петта по големина во Тајланд, како и единствена сместена во урбана средина.
Ова не е прв ваков инцидент во комплексот. Во јули 2012 година, експлозија и пожар во истата рафинерија предизвикале материјална штета во блиската станбена населба, а санацијата на постројката траела две недели.
Причините за најновата експлозија засега остануваат непознати.
Видео:








