Голема меѓународна операција против измами со храна, координирана од Европол, резултирала со заплена на производи вредни речиси 80 милиони евра, апсење на 79 осомничени и разбивање на 18 организирани криминални групи, соопшти полициската агенција на Европската Унија од Хаг.
Акцијата траела шест месеци и опфатила 57 земји, а во нејзината реализација биле вклучени и Европската комисија и Интерпол.
Во текот на операцијата, истражителите заплениле повеќе од половина милион фалсификувани производи, речиси 230.000 литри фалсификувани пијалаци и близу 1,7 милиони килограми храна со несоодветен квалитет, информира Европол.
Меѓу производите кои најчесто биле предмет на измами се месото, алкохолните пијалаци, овошјето и зеленчукот.
Криминалните групи користеле различни методи за да ги измамат потрошувачите. Во маслото мешале други супстанции, евтините вина ги продавале како скапи со поставување лажни етикети, а храната со истечен рок, па дури и расипаните производи, ги препакувале и ги пласирале со нови декларации.
Европол предупредува дека ваквите измами не се само економски криминал, туку можат да претставуваат сериозна опасност и за здравјето на луѓето.
„Фалсификуваната или на друг начин изменетата храна може да предизвика заболувања, да ги поткопа стандардите за безбедност на храната и да ги наруши пазарите“, се наведува во соопштението на агенцијата.








