Полициска акција во хотел во Берлин завршила со смрт на куче, откако службениците интервенирале по пријави од сведоци дека на божиќен пазар на плоштадот Брајтшајдплац се движи маж со предмет што личи на пиштол.
Станува збор за локација во западниот дел на Берлин, која пред десет години беше погодена од смртоносен напад со камион врз посетителите на божиќниот пазар.
По пријавите, полицајците се упатиле во хотел во близина, каде што затропале на вратата од собата во која престојувал осомничениот, 63-годишен маж.
Тој делумно ја отворил вратата и, според полициското соопштение, им се заканил на службениците со предмет. Еден од полицајците испукал куршум кон вратата, но во тој момент никој не бил повреден.
Во продолжение на интервенцијата, кучето, за кое се верува дека било пудлица, истрчало од собата кон полицајците. Друг полициски службеник го застрелал животното.
Полициска портпаролка изјавила дека кучето претставувало „некаква закана“.
Мажот бил приведен и пренесен во болница, поради проблеми поврзани со неговото ментално здравје.
Предметот поради кој била покрената полициската интервенција, според подоцнежните информации, не бил вистински пиштол, туку воден пиштол наменет за одбивање животни, соопшти полициската портпаролка.







