Светот на модата и уметноста се збогува со Вера фон Лендорф, позната под уметничкото име Верушка, германски модел, актерка и уметница која остави неизбришлива трага во модната индустрија. Таа почина во Берлин на 87-годишна возраст, опкружена со семејството и пријателите во својот дом.
Верушка важеше за една од највпечатливите личности во модниот свет, а многумина ја сметаат за една од првите вистински супермодели. Нејзиниот лик се појавил во повеќе од 800 списанија, а престижниот „Вог“ дури 12 пати ја поставил на својата насловна страница.
Иако со години ја нарекуваа „првиот германски супермодел“, таа не ја прифаќала лесно таа титула. Зад нејзиниот препознатлив изглед, гламурот и светските фотосесии се крие живот исполнет со драматични пресврти, тешки моменти и необична кариера.
Детството ѝ било обележано од војната и трагичната судбина на нејзиниот татко
Вера фон Лендорф е родена во 1939 година во Источна Прусија, во аристократско семејство, а детството го поминала на семејниот имот Штајнхорт. Но, Втората светска војна оставила длабоки последици врз нејзиниот живот и семејството.
Нејзиниот татко, грофот Хајнрих фон Лендорф-Штајнорт, бил дел од германското движење на отпорот и учествувал во обидот за атентат врз Адолф Хитлер во 1944 година. По неуспешниот обид, бил уапсен и погубен.
Семејниот имот бил конфискуван, нејзината мајка била испратена на принудна работа, а малата Вера била сместена во детски дом под управата на СС, каде останала до крајот на војната.
Од девојка која не се вклопувала во модните стандарди до светска икона
Иако во детството сакала да стане балерина, нејзината висина од повеќе од 183 сантиметри не ѝ дозволила да го оствари тој сон. Наместо тоа, се насочила кон уметноста и сликарството, што подоцна ќе стане важен дел од нејзиниот живот.
Во 1959 година, додека студирала уметност во Фиренца, ја забележал фотографот Уго Мулас, што го означило почетокот на нејзината кариера во модната индустрија.
Нејзините први обиди да се пробие во Париз и Њујорк не биле едноставни. Модниот свет во тоа време не бил навикнат на модели со нејзината висина и специфичен изглед, па добивала совети да ослабе и да ја промени бојата на косата.
Пресврт во нејзиниот имиџ направила кога решила да се откаже од аристократското презиме и да го создаде идентитетот под кој подоцна ќе стане светски позната – Верушка. Со мистериозниот изглед, црната облека и необичното име, привлекувала внимание, а во одредени кругови дури се шпекулирало дека е шпионка.
Фотосесии вредни милиони, соработки со Дали и улога во култен филм
Нејзината кариера доживеала огромен подем по враќањето во Њујорк во 1964 година, кога добила поддршка од влијателната уредничка на американскиот „Вог“, Дајана Вриланд.
Фотографот Ричард Аведон ја прогласил за „најубава жена на светот“, а во периодот на најголемата слава Верушка заработувала и по 10.000 долари дневно.
Колку била влијателна во модната индустрија покажува и нејзината позната фотосесија во Јапонија, објавена на 26 страници во „Вог“. За реализацијата на проектот списанието потрошило тогаш околу еден милион долари, сума која денес би изнесувала приближно седум милиони долари.
Светската публика ја запознала и преку филмот „Зголемување“ (Blow-Up) од 1966 година, во режија на Микеланџело Антониони, во кој имала улога што дополнително ја зацврстила нејзината популарност.
Во текот на кариерата соработувала со големи имиња од модата, меѓу кои Ив Сен Лоран и Пако Рабан, но и со надреалистичкиот уметник Салвадор Дали. Заедно со Дали создавале авангардни перформанси и фотографии, со кои ги поместувале границите меѓу модата, фотографијата и ликовната уметност.
Поранешниот партнер се огласи по повеќе од 50 години без контакт
По веста за нејзината смрт, особено внимание привлече емотивната порака на италијанскиот фотограф Франко Рубартели, со кого Верушка соработувала во шеесеттите години и била во љубовна врска.
Тој открил дека по повеќе од половина век без контакт, неодамна повторно успеале да стапат во комуникација, но повторната блискост траела кратко.
„Животот ми даде горчлив подарок: по повеќе од педесет години во кои не знаевме ништо еден за друг, ми дозволи повторно да се слушнам со Верушка. И сега, токму кога таа врата се отвори за само неколку сантиметри по половина век, ветрот повторно ја затвори“, напишал Рубартели на својот профил на Инстаграм.
Во средината на седумдесеттите години Верушка постепено се повлекла од класичното манекенство и се посветила на уметноста, особено на сликањето врз тело, односно боди-артот.
Нејзината кариера, специфичниот визуелен стил и уметничките експерименти оставија силно наследство во модата и фотографијата, а нејзиното име и денес се поврзува со една од највпечатливите епохи во светската модна индустрија.








