Најмалку 13 работници загинале откако силни дождови предизвикале поплавување на рудник за злато во Индонезија, а спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по рударите кои останале заробени под земја.
Несреќата се случила во понеделникот, кога работниците влегле во рудникот, но по поплавувањето на окното останале заробени на длабочина од околу 100 метри. Спасувачките служби ја продолжуваат операцијата со цел да ги пронајдат лицата за кои сè уште нема информации.
Првичната пријава за заробените рудари била добиена во вторникот. Државната рударска компанија „ПТ Антам“, чии капацитети се наоѓаат во близина на рудникот, испратила официјално известување до спасувачката служба во Џакарта кратко по полноќ во средата, по што биле активирани спасувачките екипи.
Надлежните посочиле дека информациите за несреќата пристигнале со задоцнување бидејќи рудникот работел без потребната дозвола. Локалните рудари и жители во прв момент се обиделе самостојно да се справат со водата, но ситуацијата набргу станала неконтролирана.
Во спасувачката операција се ангажирани 325 спасувачи, кои се соочуваат со тешки услови на терен. Потрагата е отежната поради тесните рударски окна, ограничената осветленост и лизгавите површини во подземниот простор.
Рудникот се наоѓа во областа Понгкор, во провинцијата Западна Јава, на околу 60 километри јужно од главниот град Џакарта.
Несреќите во нелегалните рудници претставуваат сериозен проблем во Индонезија, земја богата со минерални суровини. Голем број рударски локации се наоѓаат во оддалечени и тешко достапни региони, што дополнително ја отежнува контролата на властите врз активностите и почитувањето на безбедносните правила.





