ПРВ.мк
Свет

НЕВЕРОЈАТНА ПРЕСУДА: Три и пол години затвор за донација од 20 евра!

НЕВЕРОЈАТНА ПРЕСУДА: Три и пол години затвор за донација од 20 евра!

Познатата руска орнитолошка Софија Розенфелд животот го посветила на проучување на арктичките птици. Рускиот суд во октомври ја осуди на три и пол години затвор поради донации за фондацијата на покојниот опозициски политичар Алексеј Навални. Пријателите и семејството се борат да ја ослободат.

Таткото на Софија, Борис, вели дека сè започнало кога таа заминала во Москва. Борис живее во Израел, а Софија е во Русија. Веќе повеќе од еден месец таа е зад решетки, под обвинение за финансирање екстремизам. Случајот се однесува на две донации во вкупен износ од 2.000 рубљи, односно дваесетина евра, уплатени на Фондацијата за борба против корупцијата (ФБК) – организација која руските власти во меѓувреме ја прогласија за екстремистичка.

Судот во Москва на 7 октомври ја осуди Софија на три и пол години во казнена колонија.

Животот го посветила на арктичките птици

Софија Розенфелд е истакната орнитолошка која својот живот го посветила на проучување и заштита на арктичките птици.

– Софија уште од детството ја обожаваше природата. Ги сакаше птиците, коњите и кучињата – изјави нејзиниот татко за „Дојче веле“ (DW).

Била тинејџерка кога семејството се преселило во Израел, но неколку години подоцна се вратила во Русија и сега поседува и руско и израелско државјанство.

Студирала биологија на Московскиот државен универзитет и изградила значајна научна кариера во Русија. Нејзината колешка Александра Панјутина, која исто така живее во Израел, објасни дека Софија била посветена на својата работа уште од мали нозе.

– Птиците и Арктикот се најголемите страсти во нејзиниот живот – додаде таа.

Софија била меѓу првите руски истражувачи кои развиле систематски пристап за следење на популациите на птиците преселници. За да ги олесни истражувањата, таа дури развила и посебно летало. Со него било можно да се лета речиси со иста брзина како и птиците и да се набљудуваат од мала височина.

– Брзо стана јасно дека станува збор за единствен метод – изјави еден нејзин колега кој сакаше да остане анонимен.

Заштита на птиците во Русија и пошироко

Розенфелд се смета за една од водечките личности во руската орнитологија. Нејзината работа ги надмина границите на земјата, а таа беше вклучена и во меѓународни истражувачки проекти. Во областа на зачувување на птиците преселници, прекуграничната соработка е од клучно значење.

Хелмут Крукенберг, раководител на Германскиот институт за истражување на мочуришта и водни птици (IWWR), потврдува дека Розенфелд ужива голем углед во светската научна заедница.

– Направи исклучително многу за зачувување на природата и заштита на сибирските и арктичките видови. Она што ѝ се случува за нас е едноставно несфатливо – рече тој.

Очекувала евентуално да биде парично казнета

Во летото 2021 година, кога руските власти ја прогласија Фондацијата за борба против корупцијата (позната како ФБК), основана од Алексеј Навални, за екстремистичка организација, Софија Розенфелд се наоѓала на оддалечена арктичка експедиција, без телефон и пристап до интернет. Затоа не ги стопирала веднаш своите редовни донации за ФБК, туку тоа го сторила дури по враќањето во Москва.

Една пријателка, која исто така сакаше да остане анонимна, ја опиша Софија како личност која е целосно искрена. Според нејзините зборови, донациите што научничката ги уплаќала на фондацијата на Навални одразувале искрена желба за борба против корупцијата. Низ својата работа во различни области на Русија, таа и самата се уверила во нејзината распространетост.

– Никогаш не се занимаваше со политички активизам. Нејзините донации беа наменети исклучиво за поддршка на борбата против корупцијата – нагласи и нејзиниот татко Борис.

За него и за другите блиски луѓе, пресудата беше вистински шок. Иако обвинителите бараа казна од пет години затвор, пријателите и колегите очекуваа Софија, во најлош случај, да биде казнета парично.

За таквите очекувања постоеја причини. Според пресметките на независниот медиум „Медијазона“, околу 85 проценти од осудителните пресуди во 225 случаи кои се однесуваат на донации за фондацијата на Навални досега резултирале со казни кои не подразбираат одење во затвор. Сепак, Розенфелд беше осудена на три и пол години во казнена колонија.

Година на судски рочишта и ограничувања на движењето

Само неколку месеци откако Софија во октомври 2025 година ја одбранила докторската дисертација, бил извршен претрес во нејзиниот дом. Воедно ѝ било наметнато и ограничување на движењето. Продолжила да работи, но морала да ја откаже својата традиционална летна експедиција на Арктикот.

Дури и на денот на изрекувањето на пресудата, нејзините разговори со колегите главно се однесувале на науката.

– Разговаравме за тоа како работата би можела да продолжи во отсуство на Софија, но никој всушност не веруваше дека таа ќе заврши во затвор – изјави нејзината колешка.

Заминувањето од Русија никогаш не било опција

– Единственото нешто за кое сега размислуваме е како да ја доведеме овде – вели Борис Розенфелд додека ги разгледува фотографиите снимени за време на последната посета на Софија.

Пријателите и колегите кои разговараа со DW велат дека неговата ќерка никогаш не размислувала за заминување од Русија, дури ни кога ѝ се заканувала затворска казна.

– Софија никогаш не би заминала. Таа едноставно не може да го замисли животот без дивите гуски – рече Дмитриј.

Нејзиното семејство, пријателите и колегите сега водат кампања за поништување на пресудата. Повеќе од 1.000 луѓе потпишаа апел упатен до Претседателскиот совет за човекови права на Русија.

Борис Розенфелд исто така се надева на поддршка од Израел, но на израелските конзуларни службеници досега не им е овозможен пристап до неговата ќерка во притвор.

Тие двајца продолжуваат да се допишуваат, а тој се обидува да остане оптимист.

– Пишува дека се обидува да се прилагоди на животот во затвор и дека ѝ е тешко. Но, таа е силна личност – заклучи таткото.