Македонија ја очекува период со претежно облачно време и повремени врнежи од дожд, кои во одредени делови од земјата ќе бидат пообилни, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во текот на денешниот ден ќе преовладува облачно време со повремени врнежи, а поинтензивен дожд се очекува во западните делови на земјата, каде што локално може да наврнат над 30 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен ветер од јужен правец, кој на места повремено ќе биде засилен.
И во Скопје времето ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Според најновата прогноза на УХМР, под влијание на циклонска активност, од вечерните часови денеска, па сè до недела, ќе продолжи периодот со претежно облачно време и врнежи. На одредени места се очекуваат пообилни количества дожд, над 30 литри на квадратен метар во текот на 24 часа, а во рамките на целиот период локално може да паднат и над 80 литри на квадратен метар.
Во текот на викендот се очекува и промена на температурите поради навлегување на студена воздушна маса од север. Врнежите на повисоките места ќе преминуваат во дожд и снег, додека на планините ќе бидат претежно од снег, при што се очекува формирање на нова снежна покривка.
Од почетокот на следната работна недела временските услови постепено ќе се менуваат, со променливо облачно време и повремени сончеви периоди.









