ПРВ.мк
Македонија

НЕРАБОТНАТА НЕДЕЛА ПОВТОРНО ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК: Работодавачите бараат промени, синдикатите се против

НЕРАБОТНАТА НЕДЕЛА ПОВТОРНО ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК: Работодавачите бараат промени, синдикатите се против

Додека бројни европски компании тестираат модели на четиридневна работна седмица со непроменети плати, во Македонија повторно се отвора дебатата за враќање на недела како работен ден.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ја поддржа ваквата можност, повикувајќи се на барањата на стопанските комори и на можноста работниците да остварат дополнителна заработка.

„Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, изјави Ристески во гостување на Сител.

Тој посочи дека прашањето треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет, земајќи ги предвид економските ефекти и стекнатите работнички права.

Засега, сепак, станува збор за личен став на заменик-министерот, а не за официјална владина одлука.

Европа тестира пократко работно време со исти плати

Во Велика Британија, 92 проценти од компаниите што учествувале во пилот-проектот за четиридневна работна седмица најавиле продолжување на моделот.

Слични експерименти се спроведуваат и во Германија, Португалија, Полска и Исланд, со цел подобрување на продуктивноста и рамнотежата меѓу професионалниот и приватниот живот.

Синдикатите најавуваат отпор

Сојузот на синдикатите на Македонија остро се спротивстави на можноста за враќање на недела како работен ден, нагласувајќи дека работничките права не смеат да бидат предмет на пазарење.

Реагираше и здружението „Гласен текстилец“, кое предупреди дека поради ниските плати и економската зависност, доброволното работење во недела може да прерасне во притисок врз вработените. Оттаму најавија организиран отпор и протести доколку се пристапи кон законски измени.

Недела како ден за неделен одмор во Македонија беше воведена на 1 јануари 2022 година, со законски предвидени исклучоци за одредени дејности.