Набавната цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во 2027 година ќе биде повисока за 4,15 проценти во споредба со годинава, покажуваат резултатите од денешниот тендер на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме.
Најповолни понуди за двата лота доставила државната компанија ЕСМ, која за 70 проценти од потребните количини понудила цена од 65 евра за мегават-час, додека за преостанатите 30 проценти понудената цена изнесува 74 евра за мегават-час.
Со тоа, просечната пондерирана набавна цена достигнува 67,70 евра за мегават-час, наспроти досегашните 65 евра.
Годинава набавката се реализира според изменет модел, во согласност со обврските од европската реформска агенда. ЕСМ обезбедува 70 проценти од потребните количини по повластена цена, додека преостанатите 30 проценти се набавуваат на слободниот пазар.
Колку ќе плаќаат граѓаните од 1 јануари?
Од ЕВН Хоме информираат дека во наредниот период ќе бидат направени пресметките за новата цена на електричната енергија, под надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно утврдената методологија.
Зголемувањето на набавната цена за 4,15 проценти не значи автоматски и идентично зголемување на сметките за електрична енергија.
Конечната цена за домаќинствата ќе зависи и од трошоците за пренос и дистрибуција на електричната енергија, како и од останатите параметри предвидени со регулаторната методологија.
Засега останува неизвесно колку точно ќе изнесува цената што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јануари 2027 година.









