Сопственикот и уредник на српскиот медиум „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, е приведен по налог на Второто основно јавно обвинителство во Белград, поради сомнение за сторени две кривични дела.
Според соопштението на обвинителството, Вучиќевиќ се сомничи за предизвикување паника и нереди во продолжено траење, како и за попречување на правдата.
Осомничениот е задржан во полициската станица Вождовац, а на 26 ноември, со кривична пријава, треба да биде изведен на сослушување пред надлежен јавен обвинител.
Според информациите објавени од „Информер“, полициски службеници го привеле Вучиќевиќ во непосредна близина на зградата во која работи, по што бил пренесен во полициската станица.
Низа реакции по приведувањето
Заменик-главниот и одговорен уредник на „Информер“, Дејан Вукелиќ, побара негово итно ослободување, посочувајќи дека нема причина да се сомневаат оти Вучиќевиќ нема да се појави пред судот.
Вукелиќ оцени дека приведувањето претставува ограничување на слободата на мислење.
Реагираше и претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, кој упати критики до полицијата и обвинителството, обвинувајќи ги за притисок врз новинарите и медиумите.
Синот на приведениот новинар, пратеникот Вукашин Вучиќевиќ, пак, тврди дека станува збор за политички прогон.
Надлежното обвинителство засега не објавило дополнителни детали за конкретните дејствија поради кои Вучиќевиќ се сомничи за наведените кривични дела.








