Силен продор на арктички воздух од север ќе донесе значително заладување во голем дел од Европа, а температурите до крајот на неделата на одредени места би можеле да бидат од 5 до 15 Целзиусови степени под просекот за овој период од годината.
Студениот бран е резултат на комбинацијата од висок воздушен притисок над Скандинавија и низок притисок над западниот дел на Русија, што овозможува продор на студена воздушна маса од Арктикот.
Најизразено заладување се очекува во балтичките земји, Германија, Полска и Украина, каде што температурите ќе се спуштат под нулата. Во одредени региони се очекуваат и ледени денови, кога температурите ниту во текот на денот нема да надминат нула степени.
Снежните врнежи кон крајот на неделата ќе се прошират и во јужна Германија, Австрија и Чешка, каде што се очекува формирање снежна покривка од 10 до 20 сантиметри. Уште поголеми количества снег се прогнозираат на Алпите.
Студениот бран би можел да го зафати и Балканот
Според метеоролошките прогнози, студеното време во централна и источна Европа би можело да се задржи и во почетокот на декември, со можност студената воздушна маса да се прошири кон Балканскиот Полуостров.
Значително заладување се очекува и во Хрватска, каде што се најавуваат дожд, снег и лапавица, а снежни врнежи се можни и во делови од пониските предели.
И покрај студениот бран во Европа, глобалните температури и понатаму остануваат над просекот.








