Голема полициска акција во Истанбул ја потресе турската јавност, откако беа приведени повеќе познати личности, меѓу кои и актерката Дениз Чакир, која македонската публика ја памети по улогата на Ферхунде во популарната турска серија „Кога лисјата паѓаат“.
Според турските медиуми, акцијата е дел од обемна истрага што ја води Главното јавно обвинителство во Истанбул, а која опфаќа сомневања за кривични дела поврзани со наркотици и проституција.
Во рамките на истрагата биле издадени налози за приведување на 35 лица, од кои досега полицијата привела 24.
Покрај Дениз Чакир, меѓу приведените се и познатиот турски пејач и актер Озџан Дениз, актерката Бурџу Озберк, како и други личности од јавниот живот.
Истрагата опфаќа сомневања за трговија, обезбедување, употреба и поседување наркотични средства, како и кривични дела поврзани со проституција.
Во текот на истражната постапка, надлежните органи анализирале искази на осомничени и сведоци, информации добиени од тајни сведоци, како и податоци од одземени мобилни телефони и други дигитални материјали.
По завршувањето на полициската постапка, приведените лица биле спроведени пред надлежните правосудни органи.
Засега обвинителството не соопштило за кои конкретни кривични дела се сомничи актерката Дениз Чакир, ниту каква е нејзината евентуална поврзаност со случајот.
Истрагата продолжува, а приведувањето само по себе не претставува доказ за вина.








