ПРВ.мк
Македонија

ОД ЦРКВА ВО СКОПЈЕ УКРАДЕН НАЈСВЕТИОТ ДАР: Бискупијата со апел до крадците да го вратат без страв од осуда

ОД ЦРКВА ВО СКОПЈЕ УКРАДЕН НАЈСВЕТИОТ ДАР: Бискупијата со апел до крадците да го вратат без страв од осуда

Скопската бискупија упати јавен апел по кражбата во католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје, од каде што биле украдени дарохранителницата и Пресветата Причест, која има особено духовно и верско значење за католичките верници.

Од Бискупијата изразија длабока загриженост поради немилиот настан, нагласувајќи дека нивната најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени.

„За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот“, посочуваат од Скопската бискупија.

Наместо осуда, од Црквата испратија порака на разбирање и помирување, повикувајќи ги лицата кај кои се наоѓаат осветените хостии да ги вратат без страв од осуда од страна на Црквата.

Апел е упатен и до сите граѓани кои располагаат со информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на украдените свети предмети, истите да ги споделат со надлежните институции.

Истовремено, Бискупијата ги повика католичките верници да се обединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на украденото, но и за покајание и помирување.

„Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето“, порачуваат од Скопската бискупија.