Србија нема да учествува на самитот на Европската Унија и Западен Балкан што се одржува во Брисел, а не се очекува ниту да ја поддржи завршната декларација, објави „Еуроњуз“.
Според медиумот, отсуството на српските претставници го одложува одговорот на едно од клучните прашања за европската иднина на земјата – дали новото парламентарно мнозинство ќе ја усогласи надворешната политика со онаа на Европската Унија, особено во однос на санкциите против Русија.
На самитот бил поканет новоизбраниот претседател на српскиот парламент и вршител на должноста претседател на државата, Александар Ќупиќ, но поради обврските поврзани со конституирањето на парламентот, тој нема да присуствува.
Претставниците на студентската листа, која според објавените информации освоила парламентарно мнозинство, посочуваат дека завршувањето на парламентарните процедури во моментов е нивен приоритет.
Санкциите против Русија остануваат отворено прашање
Европските претставници очекуваат Србија да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со политиката на Унијата.
Сепак, ова прашање останува чувствително во српската јавност. Според истражување на Евробарометар објавено во мај, 67 проценти од испитаниците во Србија се против воведување санкции против руската влада, поединци и компании.
Дополнителен предизвик во односите меѓу Белград и Брисел останува и прашањето за Косово, како и спроведувањето на претходно постигнатите договори, вклучително и Охридскиот договор од 2023 година.
Претставниците на студентската листа се залагаат за продолжување на европските интеграции, реформи во правосудството, владеење на правото и медиумски слободи, но засега немаат најавено конкретна промена на надворешнополитичкиот курс.








