Пожар избувнал денеска во Политехничкото училиште на улицата „Косовска“ во Крагуевац, Србија, по што била наредена итна евакуација на објектот. На местото веднаш биле испратени противпожарни и спасувачки екипи, пренесуваат српските медиуми.
Пожарникарите интервенираат за да го стават огнот под контрола и да спречат негово ширење во други делови од училиштето. Засега нема официјални информации за причините за избувнувањето на пожарот, евентуално повредени лица или материјалната штета.
Инцидентот се случува само еден ден по пукањето во Првото техничко училиште во Крагуевац, при кое беа повредени две вработени лица. По вчерашниот настан беа приведени 17-годишен ученик и неговиот татко.
Засега нема информации дека пожарот во Политехничкото училиште и вчерашниот инцидент во друга образовна институција во Крагуевац се поврзани.






