Експлозивна направа била фрлена рано утрово во семејниот дом на Слободан Вујичиќ, директор на српската државна компанија „PRO TENT“, во Обреновац, во близина на Белград. Во инцидентот нема повредени, но експлозијата предизвикала материјална штета.
Според информациите што ги објавува „Telegraf.rs“, засега непознато лице фрлило експлозивна направа во гаражата на семејната куќа, по што побегнало од местото на настанот. Од експлозијата бил оштетен дел од ѕидот, а биле скршени и прозорските стакла.
На местото пристигнале полициски екипи, специјализирана единица за експлозивни направи и пожарникари, кои интервенирале и го изгаснале пожарот што избувнал по експлозијата. Надлежните засега не соопштуваат кој стои зад нападот, ниту што би можел да биде мотивот.
„PRO TENT“ е компанија во целосна сопственост на Република Србија, основана во 2003 година, а две години подоцна основачките права биле префрлени на српската влада. Нејзината главна дејност е одржување на електрани, вклучително и термоелектраните, како и обезбедување различни услуги за „Електростопанство на Србија“.
Компанијата на крајот од минатата година имала 7.948 вработени.
КОМПАНИЈАТА ПРЕТХОДНО СЕ НАЈДЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ОБВИНУВАЊА
„PRO TENT“ минатата недела беше споменувана во медиумски извештаи поврзани со наводни неправилности во евиденцијата на работното време на вработените.
Порталот „Nova.rs“ објави тврдења дека администрацијата на компанијата, предводена од Вујичиќ, ги менувала евиденциите за работното време на лица кои, наместо да ги извршуваат работните обврски, наводно биле ангажирани во кол-центрите на владејачката Српска напредна партија (СНС) или на други активности поврзани со партиската кампања.
Од управата на компанијата ги отфрлиле обвинувањата и побарале од порталот да ја достави документацијата врз која ги заснова објавените информации, со цел да се провери нејзината автентичност.
Засега нема официјални информации дека утринскиот напад врз домот на директорот е поврзан со претходно објавените обвинувања.







