ПРВ.мк
Црна Хроника

СЕ ШИРИ ОПАСНА ИНФЕКЦИЈА: 26 фетуси починале во матката, а пет новороденчиња по раѓањето!

СЕ ШИРИ ОПАСНА ИНФЕКЦИЈА: 26 фетуси починале во матката, а пет новороденчиња по раѓањето!

Унгарија се соочува со сериозно зголемување на случаите на сифилис, вклучително и инфекции кај новороденчиња, а здравствените власти воведуваат нов протокол за тестирање и лекување со цел да се спречат дополнителни компликации. До 12 ноември биле евидентирани 144 случаи на конгенитален сифилис, од кои 31 завршиле со смртен исход, соопшти Националниот центар за јавно здравје и фармација за порталот „Телекс“.

Од регистрираните смртни исходи, 26 се однесуваат на фетуси починати во матката, а пет на новороденчиња кои починале по раѓањето.

Според податоците на здравствените власти, во последните три месеци во земјата биле регистрирани 747 случаи на сифилис, од кои 516 во руралните средини и 231 во Будимпешта.

Пошироката статистика покажува значителен раст на инфекциите во последните години. Бројот на пријавени случаи се зголемил од 777 во 2020 година на 2.462 во 2025 година. Дополнително, во првите осум месеци од 2026 година биле откриени 100 случаи кај новороденчиња, додека во текот на минатата година биле регистрирани 91 случај.

Стапката од 126 случаи на 100.000 живородени е двојно повисока од целта на Светската здравствена организација, која предвидува помалку од 50 случаи на 100.000 живородени.

Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) покажуваат дека стапката на сифилис во Унгарија е шест пати повисока отколку во Романија и 20 пати повисока во споредба со Хрватска.

Во 2024 година, Унгарија регистрирала 42 случаи на конгенитален сифилис, што претставувало 30 проценти од вкупно 140 случаи во Европската Унија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка. На второто место била Бугарија со 30 регистрирани случаи.

Дополнителна загриженост предизвикува и студија на Универзитетот „Семелвајс“, според која кај 75 проценти од анализираните бремени жени инфекцијата била откриена дури во вториот или третиот триместар, додека 94 проценти од нив немале симптоми во моментот на дијагнозата. Ова укажува на важноста од навремено тестирање, бидејќи инфекцијата може да остане незабележана.

ВОВЕДЕН НОВ ПРОТОКОЛ ЗА ТЕСТИРАЊЕ И ЛЕКУВАЊЕ

Поради растот на случаите, унгарските здравствени власти вовеле нов протокол кој предвидува задолжително тестирање во првиот триместар од бременоста, како и повторно тестирање меѓу 24. и 28. недела.

Предвидено е и брзо тестирање при породување кај жените со висок ризик или кај оние кои немале пренатална здравствена грижа.

Новиот протокол предвидува терапијата со пеницилин да започне во рок од три дена, а при позитивен тест да се известат сексуалните партнери во рок од два дена, со цел да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата.

Сифилисот е бактериска инфекција која може да се лекува, но доколку не се открие и третира навреме, може да предизвика сериозни здравствени компликации. Особено важни се раното откривање, тестирањето и соодветната терапија, бидејќи инфекцијата може да се пренесе и од мајка на дете.