Петмина турски војници го загубиле животот при пад на воен хеликоптер АС-532 во централниот дел на Турција, за време на тренажен лет, соопшти Министерството за одбрана на земјата.
Несреќата се случила во покраината Ескишехир, а причините за падот на леталото засега не се познати. Хеликоптерот се урнал по полетувањето од Ескишехир, додека војниците биле на обука.
Од турското Министерство за одбрана упатија сочувство до семејствата на загинатите, нивните колеги и граѓаните на Турција.
„Петмина наши херојски соборци, кои биле во хеликоптер на воздухопловните сили што се урна за време на тренажен лет во Ескишехир, загинаа. Нека им е вечна слава. Им изразуваме сочувство на нивните семејства, на турските вооружени сили и на нашиот народ“, се наведува во соопштението.
Хеликоптерот паднал во рурална област, на околу 25 километри од центарот на градот Тепебаши. По пријавувањето на несреќата, на местото биле испратени пожарникарски екипи од градската управа на Ескишехир, како и припадници на Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Ова е втора несреќа со турски воен хеликоптер во период од само 12 дена. На 12 ноември, четворица припадници на турската војска загинаа при пад на хеликоптер С-70 во источната покраина Малатија.
И во тој случај причините за несреќата сè уште не се утврдени, што дополнително ја зголемува загриженоста по двете несреќи во краток временски период.







