Шест лица, меѓу кои и две деца на возраст од осум до десет години, загинаа во авионска несреќа во близина на островот Хорн, крај брегот на американската сојузна држава Мисисипи. Мал авион „Цесна 210“ се урнал во морето, а во леталото се наоѓале четворица возрасни и две момчиња.
Авионот бил на лет од Њу Орлеанс кон Форт Мајерс, на Флорида, кога од засега непознати причини почнал нагло да ја губи висината, по што паднал во морето.
По исчезнувањето на леталото од радарите, американските спасувачки служби започнале потрага по авионот и патниците. По четири часа пребарување, нуркачите ги пронашле сите шест лица во потонатото летало.
Според податоците од следењето на летот, авионот почнал нагло да се спушта околу половина час по полетувањето, додека се наоѓал на височина од приближно 2.680 метри. Непосредно пред да исчезне од радарите, леталото се движело со брзина поголема од 320 километри на час.
Американската крајбрежна стража изразила сочувство до семејствата на загинатите, а причините за несреќата сè уште не се познати. Надлежните институции започнале истрага за да ги утврдат околностите под кои дошло до падот на авионот.







