Системот „Безбеден град“ наскоро ќе добие нова функционалност, со која ќе се регистрираат и возачите што непрописно паркираат или запираат на булеварите и главните сообраќајници. Според најавите, примената на оваа мерка се очекува да започне во декември, а известувањата за констатираните прекршоци ќе се доставуваат преку СМС-пораки.
Контролите ќе бидат насочени првенствено кон главните булевари, крстосниците и сообраќајниците каде неправилно запрените или паркираните автомобили често го попречуваат движењето и создаваат проблеми во сообраќајот.
За детектирање на ваквите прекршоци ќе се користат специјализирани возила опремени со технологија за регистрирање неправилно паркирање и запирање, што ќе овозможи проширување на досегашната работа на системот.
„До крајот на годинава ќе отпочнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање со оние возила коишто ги имаме за детектирање на погрешно паркирање и запирање“, најави неодамна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според неговата најава, известувањата за прекршоците ќе се испраќаат преку истиот систем што веќе се користи за обработка и известување за други сообраќајни прекршоци.
Како ќе се утврдува дали возилото е непрописно запрено или е во метеж?
Еден од предизвиците при воведувањето на ваквата контрола е правилното разграничување меѓу возило кое незаконски запрело и автомобил кој привремено стои поради сообраќаен метеж или застој.
Поради тоа, контролите ќе се спроведуваат во услови и временски периоди во кои ќе може јасно да се утврди дали станува збор за прекршување на сообраќајните правила. Целта е да не бидат санкционирани возачи кои се затекнале во колона или застој, а не направиле прекршок.
Со проширувањето на функционалностите на „Безбеден град“, Министерството за внатрешни работи очекува да се подобри контролата врз возачите кои со неправилно паркирање ги блокираат булеварите, крстосниците и останатите важни сообраќајни површини.
Иако точниот датум за почеток на примената сè уште не е утврден, според најавите на Тошковски, новата функционалност би требало да биде активирана во текот на декември, односно најдоцна до крајот на 2026 година.
Првичниот фокус ќе биде на главните булевари и крстосници во Скопје, но контролите се планира да се прошируваат и на сообраќајниците во другите градови. Со мерката се очекува да се намали блокирањето на улиците и да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот.
Непрописното паркирање беше опфатено и меѓу прекршоците предвидени со системот „Безбеден град“ при неговото започнување во февруари годинава, но новата најава подразбира дополнително проширување на детекцијата со специјализирани возила и автоматизирано известување на возачите за утврдените прекршоци.









