Во 2017 година, Петре Караманов од Велес го добил првиот слободен викенд додека ја издржувал казната во затворот „Идризово“. Кога завршил викендот, Караманов не се вратил. Девет години подоцна, по него сè уште се трага со централна и меѓународна потерница.
Неговото име стана познато во 2015 година по кражбата на 150 ќебапи од угостителски објект во Велес. Со текот на времето, случајот почна да се споменува во расправите за селективна правда и за тоа колку различно минуваат пред судовите обичните граѓани и луѓето со моќ.
Во тие расправи остана и фразата „во затвор остана само тој со ќебапите“. Токму тука се разидуваат популарната верзија и она што се случило со Караманов. Тој излегол од затвор со дозвола, а потрагата почнала кога не се вратил да го доиздржи остатокот од казната.









