Значително повисоки цени на цигарите, зголемени акцизи, заштита на непушачите и ограничување на пристапот на младите до тутунските производи се клучните мерки што ги препорачува претставникот на Светската здравствена организација во Македонија, д-р Аким Али.
Според најновото истражување на „Аналитика“, спроведено на 1.065 испитаници, секој втор возрасен граѓанин во Македонија пуши. Со вклучување на електронските цигари и производите со загреан тутун, процентот достигнува 54 отсто.
Д-р Али изрази особена загриженост поради пушењето кај младите, но и поради појавата ученици и наставници да пушат пред училиштата. Тој нагласи дека пушењето не е животен стил, туку зависност.
Според неговите процени, државата годишно остварува приходи од тутунските акцизи од 11 до 18 милијарди денари, додека економските и здравствените последици од пушењето надминуваат 38 милијарди денари годишно.
Истражувањето покажало и дека месечниот трошок за цигари изнесува околу 4.800 денари, а нивната цена низ годините растела значително побавно од платите.
Министерот за здравство Сашо Клековски најави мерки за засилена контрола на продажбата на цигари на малолетници и нагласи дека е неопходен општествен консензус за забрана на пушењето во затворени простории.
Клековски посочи дека просечен пушач годишно издвојува над 600 евра за цигари и предложи дел од приходите од евентуалното зголемување на акцизите да се насочат кон Фондот за здравствено осигурување, за третирање на здравствените последици од пушењето.
Новиот Закон за заштита од пушењето е во собраниска процедура, а министерот побара неговото разгледување да добие максимален приоритет.
Конкретен износ за евентуално поскапување на цигарите, како и датум за негово воведување, засега не се соопштени.









