ПРВ.мк
Балкан

НОВИ ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА СМРТТА НА КРИСТИЈАН ПЕРИШ: Медицински техничар откри што се случувало во психијатриската болница

НОВИ ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА СМРТТА НА КРИСТИЈАН ПЕРИШ: Медицински техничар откри што се случувало во психијатриската болница

Истрагата за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб е проширена на уште четири лица, меѓу кои лекарка специјализантка, медицински техничар и две медицински сестри.

Новите искази на осомничените, кои ги објави хрватски „Вечерњи лист“, откриваат вознемирувачки детали за медицинската интервенција која завршила со смрт на пациентот.

Осомничената лекарка ја негирала вината, тврдејќи дека кратко престојувала во просторијата, дека не раководела со интервенцијата и дека не била свесна оти на пациентот му биле попречени дишните патишта.

Медицинскиот техничар, кој бил повикан како дополнителна помош од друг оддел, пред истражителите тврдел дека не бил целосно запознаен со ситуацијата.

Тој посочил дека употребата на перница при одредени интервенции не била невообичаена во установата, но нагласил дека таа не смеела да го попречува дишењето на пациентот.

Во својот исказ навел и дека еден од неговите колеги повеќепати го удрил Периш. Техничарот тврдел дека не бил свесен за сериозноста на ситуацијата и дека во ниту еден момент не се согласил со постапување што би довело до смрт на пациентот.

Обидите за реанимација траеле околу 90 минути, но завршиле без успех.

Во рамките на истрагата била сослушана и поранешната директорка на клиниката, д-р Мајда Грах, која по смртта на Периш побарала извештаи, обдукција и обезбедување на снимките од видеонадзорот.

Таа изјавила дека снимките ги прегледала на 4 ноември, по што случајот бил пријавен во полиција.

Истрагата за сомнение за тешко убиство продолжува, а одговорноста на осомничените допрва треба да биде утврдена во судска постапка.