ПРВ.мк
Свет

КОМПАНИЈА КОЈА ВРАБОТУВА ПОВЕЌЕ ОД 200.000 ЛУЃЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА ВИНОВНА ВО САД: Познато е и поради што

КОМПАНИЈА КОЈА ВРАБОТУВА ПОВЕЌЕ ОД 200.000 ЛУЃЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА ВИНОВНА ВО САД: Познато е и поради што

Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ е прогласен за виновен во обемен кривичен процес пред американски суд, поради доведување банки во заблуда во врска со работењето во Иран и кражба на деловни тајни од американски компании, пренесува Ројтерс.

Федералната порота во Бруклин ја прогласи компанијата за виновна по десет од вкупно 12 точки од обвинението. Сепак, „Хуавеј“ е ослободен од обвинението за здружување за извршување кривични дела, според кое компанијата функционирала како криминална организација.

Судскиот процес започна во 2018 година, а веќе следната година американските власти го ставија „Хуавеј“ на трговската црна листа, со што значително му беше ограничен пристапот до американската технологија.

Случајот предизвика голема дипломатска криза во декември 2018 година, кога во Канада, по налог на американските власти, беше уапсена Менг Ванџоу, финансиска директорка на компанијата и ќерка на нејзиниот основач.

Таа беше обвинета дека ги довела во заблуда претставниците на банката ХСБЦ во врска со деловните активности на компанијата во Иран, со што наводно било овозможено заобиколување на американските санкции.

По речиси три години правна борба против екстрадицијата во САД, Менг постигна договор за одложување на кривичното гонење и се врати во Кина, а обвиненијата против неа подоцна беа отфрлени.

И покрај долгогодишниот судски процес, експертите оценуваат дека случајот не му нанел значителна штета на работењето на кинескиот гигант.

„Хуавеј“ во меѓувреме го прошири своето работење и стана значаен учесник во развојот на вештачката интелигенција во Кина. Денес компанијата вработува повеќе од 200.000 луѓе и работи во околу 170 земји низ светот.