ПРВ.мк
Свет

ХАКИРАНА Е ЦИА

ХАКИРАНА Е ЦИА

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ) биле цел на хакерски напад, при кој неовластени лица добиле пристап до некласифицирани податоци, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.

Нападот бил насочен кон компјутерска мрежа што се користи за собирање и анализа на разузнавачки информации од јавно достапни извори, меѓу кои интернетот и комерцијалните бази на податоци.

Засега не е познато до кои конкретни информации успеале да пристапат хакерите, а постои сомневање дека безбедносниот пропуст можеби опфатил и податоци на други американски владини институции.

Од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за „Ројтерс“ потврдиле дека критичните системи, како и системите во кои се чуваат класифицирани информации, не биле компромитирани.

ЦИА, пак, не одговорила веднаш на барањето за коментар.

Извор запознаен со случајот за „Асошиејтед прес“ изјавил дека безбедносниот пропуст е отстранет и дека нападот не опфатил класифицирани податоци.

Идентитетот на хакерите и нивните мотиви засега остануваат непознати.

Инцидентот е последен во низата безбедносни пропусти што ги погодија компјутерските системи на американските владини институции. Неодамна сличен безбедносен инцидент беше регистриран и во Министерството за земјоделство на САД.