Значително заладување, обилни врнежи од дожд и нова снежна покривка ја очекуваат Македонија во наредните денови, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Под влијание на циклонска активност, промената на временските услови ќе започне од вечерва и ќе продолжи до недела.
Во пониските предели ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд, на повисоките места ќе има врнежи од дожд и снег, додека на планините се очекуваат снежни врнежи.
Дополнително намалување на температурите се очекува во текот на викендот, кога под влијание на студена воздушна маса од север, дождот на одредени повисоки места постепено ќе преминува во снег.
Локално се очекуваат над 80 литри врнежи на квадратен метар
Според најавите на УХМР, врнежите на одредени места ќе бидат пообилни, при што за само 24 часа може да наврнат над 30 литри на квадратен метар. Во текот на целиот период, вкупната количина на врнежи локално може да надмине и 80 литри на квадратен метар.
И во Скопје од вечерва до недела ќе преовладува облачно и дождливо време, додека за време на викендот во повисоките делови на Скопската Котлина се очекуваат и снежни врнежи.
Стабилизирање на времето се очекува од понеделник, со променлива облачност и сончеви периоди. Сепак, утрата ќе бидат студени, а минималните температури на одредени места ќе се спуштат под нулата.









