Американската армија со контролирана детонација ги уништи целокупните национални залихи на оловен азид во фабрика за муниција во Мидлтаун, во сојузната држава Ајова, предизвикувајќи загриженост кај населението поради можните последици по здравјето и животната средина.
Одлуката била донесена откако надлежните предупредиле дека деградацијата на материјалот и падот на температурите создаваат опасност од неконтролирана експлозија.
И покрај загриженоста за потенцијалните здравствени и еколошки последици, судот одобрил уништување на околу 4,54 тони од оваа експлозивна хемиска материја, пренесува Асошиејтед прес.
Стотици домови потенцијално изложени на токсична прашина
Според проценките на надлежните, ветерот би можел да ја пренесе прашината што содржи олово во југозападен правец, кон сојузната држава Мисури.
Стотици домови и земјоделски стопанства потенцијално би можеле да се најдат на патот на облакот. Оловото е токсичен метал за кој не постои безбедно ниво на изложеност, а особено е опасен за децата и бремените жени.
Властите ги повикале жителите во радиус од осум километри од местото на детонацијата да се евакуираат како превентивна мерка.
Американската армија презела дополнителни заштитни мерки за ограничување на ширењето на токсичната прашина.
Новинар на Асошиејтед прес, кој присуствувал во близина на локацијата, известил дека по две силни детонации се појавил бел облак, кој набргу се распрснал.
Засега нема потврдени информации за евентуално загадување на околните населени места или последици по здравјето на жителите.






