Најголемиот затвор во Австрија, виенскиот „Јозефштат“, се соочува со сериозна криза поради појавата на мајмунски сипаници (мпокс), ширењето на креветни стеници и значителната пренатрупаност на затворските капацитети.
Затворските чувари предупредуваат дека ситуацијата станува сè потешка за контролирање, бидејќи бројот на затвореници одамна ги надминал расположливите капацитети.
Поради недостиг на простор, новопристигнатите затвореници во текот на ноќта мора да чекаат во скромно опремени приемни ќелии, објави австрискиот весник „Кронен цајтунг“.
Дополнителен проблем претставува ширењето на креветните стеници во повеќе одделенија, додека затворениците за кои постои сомневање дека се заразени со мајмунски сипаници се сместуваат во изолација.
„Целосен хаос. Се обидуваме некако да го одржиме редот“, изјавил еден од затворските чувари.
Главната зграда на затворот располага со капацитет за нешто помалку од 1.000 затвореници, но во неа во вторникот биле сместени дури 1.165 лица.
Ситуацијата предизвика и политички реакции
Австрискиот пратеник Кристијан Лауш упати остри критики до надлежните институции, посочувајќи дека дел од затворските ќелии воопшто не можат да се користат поради паразитите и заразната болест.
Од австриското Министерство за правда соопштија дека се целосно запознаени со проблемите. Првите затвореници кај кои била потврдена заразата веќе излегле од карантин, додека останатите лица во карантин досега не покажале симптоми.
Надлежните очекуваат постепената реконструкција на затворот, предвидена да трае до 2030 година, да придонесе за подобрување на хигиенските и инфраструктурните услови.








