Голема измама со фиктивни фактури за сместување на државни службеници е откриена во Грција, каде две криминални групи, според истрагата, го оштетиле државниот буџет за повеќе од 12,6 милиони евра. Во полициската акција се приведени 21 лице, меѓу кои и припадници на полицијата, крајбрежната служба и вооружените сили.
Според информациите објавени од грчките власти, групите функционирале независно една од друга, но користеле сличен начин на работа. Тие обезбедувале фиктивни сметки за сместување на државни службеници кои биле упатувани на службени патувања во различни делови на земјата.
Службениците потоа ги доставувале документите до институциите во кои биле вработени и добивале надоместоци за ноќевање, иако, според истрагата, не престојувале во објектите наведени во фактурите.
Во рамки на шемата биле изнајмени повеќе од 173 станови низ Грција, од кои некои биле во несоодветни услови, а дел дури немале приклучок за електрична енергија или водоснабдување. Еден од највпечатливите примери во истрагата е стан со површина од само 44 квадратни метри, за кој во документацијата било наведено дека во исто време во него престојувале 23 лица.
Истрагата утврдила дека најмалку 1.309 државни службеници, меѓу кои полицајци, пожарникари, војници, припадници на крајбрежната служба и други лица од јавниот сектор, користеле фиктивни фактури за сместување. Проценетата штета за државниот буџет изнесува најмалку 12.674.600 евра.
Полициската акција била спроведена на 24 ноември во регионот на Атика, во областа на Јанина и на островот Лезбос. Во рамки на операцијата биле уапсени 21 осомничен, меѓу кои и двајцата главни организатори на криминалните групи, како и четворица полицајци, припадник на крајбрежната служба и двајца припадници на вооружените сили.
Според грчкото Министерство за заштита на граѓаните, случајот е резултат на координирана истрага за злоупотреба на службени надоместоци преку лажна документација за сместување, со која биле извлекувани средства од државниот буџет.









