Уредувањето на кејот на Овчка Река во кавадаречкото село Марена продолжува со забрзано темпо, при што просторот секојдневно ја добива својата нова форма и современ изглед.
Станува збор за значајна инвестиција во вредност од 300.000 евра, која е обезбедена како донација од семејството Камчеви преку Фондацијата „Илија Камчев“. Целта на овој проект на територијата на Општина Кавадарци е да се создаде уредена и привлечна амбиентална целина која значително ќе го подобри квалитетот на живот и визуелниот изглед на селото.
Градежните активности на терен се одвиваат во континуитет, а резултатите од досегашната реализација се сè повидливи. Со завршувањето на зафатите, жителите на Марена и Кавадарци ќе добијат ново урбано катче наменето за одмор, рекреација, прошетка и дружење на сите генерации.
Од Општина Кавадарци порачуваат дека продолжуваат со реализација на проекти кои носат видливи промени и создаваат поубава и посовремена средина за живеење.







