Двајца мажи на возраст од 32 и 34 години и една 34-годишна жена се уапсени во Романија под сомнение дека го киднапирале, малтретирале и уценувале градоначалникот на Баја Маре.
Според романското обвинителство, двајцата мажи, кои се членови на исто семејство, поседувале неколку компании во угостителскиот и градежниот сектор. Нивните фирми биле санкционирани поради различни неправилности, а работата на дел од нив била привремено запрена.
Осомничените сметале дека градоначалникот е одговорен за санкциите, поради што наводно организирале одмазда.
Според истрагата, политичарот бил намамен во стан во Букурешт, каде што бил незаконски задржан, малтретиран и изложен на обид за сексуален напад.
Обвинителството тврди дека осомничените го принудиле градоначалникот да зема кокаин, а сето тоа го снимале со цел компромитирачкиот материјал подоцна да го користат за уцена.
Што барале киднаперите?
Осомничените наводно барале градоначалникот да помогне во зачленувањето на еден од нив во политичка партија, но и да побара од новинари да избришат објави на социјалните мрежи во кои биле критикувани нивните семејства и компании.
Според обвинителството, градоначалникот под притисок ги исполнил двете барања.
Полицијата извршила седум претреси во Букурешт и Баја Маре, при што биле запленети повеќе материјални докази.
Тројцата осомничени се товарат за организиран криминал, уцена, противправно лишување од слобода и обид за силување. Двајца од нив се товарат и за трговија со дрога.
На сите тројца им е одреден притвор во траење од 30 дена, а истрагата продолжува.








