Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска го означи почетокот на комплетната реконструкција на мултифункционалното игралиште во општина Теарце. Овој проект претставува уште една значајна инвестиција на Министерството за спорт во изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел спортот да биде достапен за сите граѓани.

Новото игралиште ќе располага со фудбалски терен, терен за кошарка и фитнес зона на отворено, создавајќи простор за спорт и рекреација кој ќе биде достапен за сите генерации. „Нашата цел е спортот да биде достапен за секого – и во малите и во големите општини. Со изградбата на вакви мултифункционални игралишта им овозможуваме на младите и на сите граѓани да ја развиваат својата спортска активност во современи услови. Верувам дека токму ваквите вложувања ќе придонесат спортот и физичката активност да станат секојдневна навика и начин на живот“, истакна министерот Борко Ристовски.
Во изминатите 15 месеци, Министерството за спорт изгради и обнови повеќе од 30 мултифункционални игралишта низ целата држава. Програмата продолжува и во наредниот период, кога ќе бидат реализирани нови проекти за изградба и реконструкција на современи спортски терени, со јасна цел – спортот да биде достапен за сите граѓани во секој град и во секоја општина.

Министерот Ристовски нагласи дека овие инвестиции се дел од долгорочната визија на Министерството за создавање современа, достапна и квалитетна спортска инфраструктура која ќе ги мотивира младите и возрасните да бидат активни и да водат здрав начин на живот. Со ваквите проекти, Министерството за спорт продолжува да инвестира во спортот и да гради основа за развој на спортската култура и спортските вредности во целата држава.