ПРВ.мк
Македонија

Истражување што треба да ги загрижи сите родители: Секое десетто дете било изложено на сексуална злоупотреба преку технологијата

Истражување што треба да ги загрижи сите родители: Секое десетто дете било изложено на сексуална злоупотреба преку технологијата

Загрижувачки податоци за безбедноста на децата во дигиталниот свет открива истражувањето „Disrupting Harm“. Според резултатите, секое десетто дете на возраст од 12 до 17 години во државата во период од една година било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба олеснета преку технологијата.

На национално ниво, проценката изнесува околу 12.000 деца, а речиси половина од засегнатите – 48 проценти – биле изложени на повеќе од една форма на злоупотреба или експлоатација.

Особено загрижува фактот што во најголем дел од случаите сторителот не бил странец. Според истражувањето, во 78 проценти од случаите станувало збор за лице кое детето го познавало, додека само во пет проценти сторителот бил непознат.

Во 57 проценти од случаите биле вклучени возрасни лица, а во 22 проценти врсници. Кај 39 проценти станувало збор за сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, додека во 27 проценти бил вклучен член на семејството.

Социјалните мрежи меѓу најчестите места на злоупотреба

Во 52 проценти од случаите биле вклучени социјални мрежи, а 30 проценти се случиле преку платформи за онлајн игри.

Најчесто споменувана платформа е Инстаграм со 76 проценти, по што следуваат Снепчет со 55, Тик-ток со 51, Ватсап со 40, Фејсбук со 34, Јутјуб со 29 и Икс со 21 процент.

Меѓу најчестите форми на злоупотреба е изложувањето на деца на сексуална содржина без нивна согласност, како и барањето од нив да испраќаат фотографии или видеа од интимна природа.

Само еден процент пријавиле во полиција

Истражувањето покажува огромен јаз меѓу бројот на случаи и нивното официјално пријавување. Иако 88 проценти од децата некому кажале за злоупотребата, само еден процент се обратиле во полиција, еден процент во центрите за социјална работа, а 0,2 проценти контактирале линија за помош.

Последиците за децата можат да бидат сериозни. Според резултатите, децата изложени на ваква злоупотреба имале 11 пати поголема веројатност за самоповредување и 12 пати поголема веројатност за самоубиствени мисли и однесувања, како и значително повисоки нивоа на анксиозност.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, оцени дека наодите откриваат сериозна криза во заштитата на децата во дигиталната доба и порача дека од децата не може да се очекува сами да се заштитат од злоупотреба.

Одговорноста, според неа, е кај возрасните, институциите и компаниите кои треба да создадат безбедна средина и во дигиталниот и во физичкиот простор.

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени истакна дека извештајот треба да помогне институциите подобро да ги препознаат ризиците и да утврдат каде е потребна поефикасна интервенција. МВР, како што посочи, продолжува со зајакнување на капацитетите, координацијата со образовните и социјалните служби и програмите за дигитална писменост.