Македонскиот пазар на труд бележи значителен пад на невработеноста, но истовремено се соочува со сериозен проблем – растечкиот број луѓе кои работат неформално.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2026 година во земјава имало 90.020 невработени лица, додека бројот на неформално вработени достигнал 101.022 лица.
Стапката на невработеност изнесува 11,3 проценти, а вкупниот број вработени се проценува на 708.698 лица. Активното население брои 798.718 лица.
Повеќе од 100.000 работат надвор од формалниот систем
Особено впечатливо е што бројот на неформално вработени веќе е поголем од бројот на невработени.
Во вториот квартал биле регистрирани 101.022 неформално вработени, што претставува раст од 7,2 проценти во споредба со првите три месеци од годинава, кога нивниот број изнесувал 94.197.
Најголем дел од нив, односно 51.487 лица или околу 51 процент, работат во земјоделството, шумарството и рибарството. Дополнителни 17,2 проценти се ангажирани во градежништвото.
Во споредба со истиот период минатата година, бројот на невработени е намален за околу 1.350 лица, додека бројот на неформално вработени е зголемен за речиси 3.000.
Голем пад на невработеноста во изминатите години
Долгорочните податоци покажуваат значително намалување на невработеноста. Во 2015 година стапката изнесувала 26,1 процент со 248.934 невработени, додека во 2019 година паднала на 17,3 проценти.
Трендот продолжил и во следните години – 13,1 проценти во 2023, 12,4 проценти во 2024 и 11,5 проценти во 2025 година.
Во вториот квартал од 2026 година стапката дополнително се намалила на 11,3 проценти.
За споредба, во 2010 година невработеноста изнесувала дури 32 проценти.
Сепак, ДЗС посочува дека податоците од 2023 година наваму не се целосно споредливи со претходните години поради воведувањето нова европска методологија за Анкетата за работната сила.
Различни бројки од ДЗС и Агенцијата за вработување
Додека ДЗС проценува дека има 90.020 невработени, Агенцијата за вработување на 30 јуни евидентирала 88.541 лице.
Разликата произлегува од различниот начин на пресметување. ДЗС ја утврдува невработеноста преку Анкетата за работната сила и меѓународно утврдени критериуми, додека Агенцијата ги евидентира лицата кои формално се пријавени како невработени.
Најновите бројки затоа покажуваат двојна слика: официјалната невработеност е значително намалена, но повеќе од 100.000 луѓе сè уште заработуваат надвор од формалниот систем, без целосна работничка и социјална заштита.








