Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам по ретката и претходно ненајавена посета на директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, на Москва, оценувајќи дека разговорите би можеле да дадат резултат.
Ретклиф во вторникот престојувал во руската престолнина, каде што разговарал со претставници на руските разузнавачки служби. Ова е неговата прва позната посета на Русија откако ја презеде функцијата директор на ЦИА.
Трамп, во интервју за „Глен Бек програм“, не откри конкретно која била целта на мисијата, но порача дека од неа „можеби нешто ќе произлезе“, додавајќи дека американската администрација интензивно работи на завршување на војната во Украина.
Од Кремљ потврдија дека Ретклиф имал контакти со руските разузнавачки структури. Портпаролот Дмитриј Песков соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за резултатите од разговорите, но дека немал директна средба со директорот на ЦИА.
Деталите од разговорите засега не се објавени. Посетата доаѓа во чувствителен момент, кога преговорите за Украина се во застој, а истовремено постојат сериозни тензии околу Иран и неговите односи со Москва.






