Маврово повторно ќе биде центар на тенисот, дружењето и хуманоста. Од 28 август до 13 септември 2026 година, на тениското игралиште во Маврови Анови ќе се одржи второто издание на хуманитарниот аматерски турнир Mavrovo Open 2026.
По успешното прво издание, организаторите годинава најавуваат уште поголем број учесници, вредни награди и дополнителни активности за деца и семејства.
Посетителите ќе можат да ги следат натпреварите во уникатен природен амбиент покрај Мавровското Езеро, да навиваат за своите фаворити и истовремено да уживаат во летниот период на планина.
За оние кои нема да можат да присуствуваат, обезбеден е и професионален пренос во живо, додека Македонски Телеком како технолошки партнер ќе обезбеди бесплатен и стабилен интернет на локацијата.
Повеќе од тениски турнир
Првото издание на Mavrovo Open привлече 48 тенисери рекреативци, повеќе од 2.000 посетители и над 30 компании, институции и организации.
Но, зад турнирот стои и хуманитарна мисија. Посебен акцент е ставен на локалната заедница и можноста децата од Маврово да се запознаат со тенисот и активно да го користат спортското игралиште.
Годинава ќе биде организиран и тениски тренинг за децата од локалните училишта, со професионален тренер и професионална опрема. Детската програма се реализира со поддршка од Европската Унија.
Идејата на организаторите е тениското игралиште да не биде простор што живее само за време на турнирот, туку место кое ќе биде достапно за локалната заедница и особено за најмладите.
Од 28 август – сите патишта водат кон Маврово
Организаторите ги повикуваат љубителите на спортот, посетителите на Маврово и семејствата да бидат дел од годинашното издание, да ги поддржат учесниците и да уживаат во спојот на тенис, природа, дружење и хуманост.









