Руското Министерство за одбрана се огласи по масовниот ракетен напад врз Киев и околниот регион, тврдејќи дека цел на операцијата биле објекти од украинската воена индустрија, како и енергетската и транспортната инфраструктура.
Нападот бил извршен во раните утрински часови во саботата, при што, според украинските власти, биле повредени најмалку две лица.
Во Киев биле оштетени две станбени згради и објект во кој се наоѓа детска градинка.
Градоначалникот Виталиј Кличко соопштил дека силни експлозии одекнувале во предградијата, додека руските сили со балистички ракети гаѓале инфраструктурни објекти.
Според руското Министерство за одбрана, меѓу погодените цели бил и Северниот мост во Киев, за кој Москва тврди дека се користел за транспорт на оружје и воена опрема.
Русија соопшти и дека ја погодила фабриката „Меридијан“, за која тврди дека произведува крстосувачки ракети „Фламинго“.
Во руското соопштение се наведува дека биле нападнати и електрана, трафостаница и погон за производство на муниција во Киевскиот регион.
Москва тврди дека погодила и трафостаница во Житомирската област, како и товарен брод во Црното Море, кој, според руската страна, превезувал воена опрема и стока со двојна намена за Украина.
Овие руски тврдења засега не се независно потврдени.
Нападот се случува само три дена пред најавените мировни преговори во Абу Даби, на кои треба да учествуваат украински и руски претставници, со посредство на САД.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека Русија подготвува нови напади врз енергетски објекти, мостови и друга важна инфраструктура.








