Дел од вулканот Кумбре Виеха на шпанските Канарски Острови би можел да се урне во Атлантскиот Океан и да предизвика огромно цунами, кое во најлошото сценарио би стигнало до источниот брег на САД за само девет часа.
На оваа можност предупредува британскиот вулканолог Бил Мекгваер, кој со години ги проучува потенцијалните опасности од вулканот.
Според неговите истражувања, огромна карпеста маса на страната на вулканот постепено се поместува кон морето. Доколку дојде до нејзино нагло уривање, би можела да истисне огромно количество вода и да предизвика разорни бранови.
Компјутерските симулации на Мекгваер покажуваат дека во најлошото сценарио брановите би можеле да достигнат висина од околу 20 метри на источниот брег на САД.
„Не се сомневам дека тоа ќе биде катаклизмичен настан, но немам претстава кога ќе се случи. Можеби ќе поминат векови, па дури и милениуми“, напишал вулканологот за BBC Science Focus.
Сепак, научната заедница нема единствен став за размерите на евентуалната катастрофа.
Дел од истражувачите сметаат дека последиците од вакво уривање би можеле да се почувствуваат и на другата страна од Атлантикот, додека други ги оспоруваат најекстремните предвидувања.
Како можен доказ за историски огромни бранови се наведуваат големи карпи пронајдени на Бахамите, за кои постои претпоставка дека биле пренесени од праисториски цунами.
Научниците нагласуваат дека во моментов нема показатели за непосредна опасност.
Иако вакво сценарио теоретски е можно, не постои сигурна процена дали и кога би се случило. Според Мекгваер, до евентуалното уривање би можеле да поминат стотици или илјадници години.






