ПРВ.мк
Спорт

Усеин Болт повторно на фудбалскиот терен: На 40 години потпиша за англиски клуб

Усеин Болт повторно на фудбалскиот терен: На 40 години потпиша за англиски клуб

Легендарниот јамајкански спринтер Усеин Болт повторно ќе ја замени атлетската патека со фудбалскиот терен. Светскиот рекордер на 100 и 200 метри официјално е регистриран како фудбалер на англискиот Вајтеншо Ветс (Wythenshawe Vets).

Болт на 40-годишна возраст ќе настапува за тим составен од ветерани над 35 години, а неговата регистрација е евидентирана и од Фудбалскиот сојуз на Англија.

Особено интересно е друштвото што го очекува во соблекувалната. За Вајтеншо Ветс настапуваат повеќе добро познати поранешни фудбалери, меѓу кои Емил Хески, Антонио Валенсија, Папис Сисе, Џолеон Лескот, Дени Дринквотер, Стивен Ајрленд и Недум Онуоха.

За Болт, фудбалот одамна е голема желба. Јамајканецот е познат како страстен навивач на Манчестер Јунајтед, а по завршувањето на неверојатната атлетска кариера се обиде да направи транзиција кон професионалниот фудбал.

Во 2018 година помина пробен период во австралискиот Сентрал Коуст Маринерс, каде што дури постигна два гола на пријателски натпревар, но на крајот не беше постигнат договор за професионален ангажман. Тренираше и со Борусија Дортмунд и норвешки Стромсгодсет.

Болт и натаму ги поседува светските рекорди на 100 метри со 9,58 секунди и на 200 метри со 19,19 секунди, а сега започнува ново спортско поглавје – овојпат со фудбалска топка.