Дваесет и петгодишниот голман на Андора, Хесус Овоно, размислува да ја заврши фудбалската кариера по трагичната смрт на 30-годишниот напаѓач на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина по тежок судир со него за време на натпревар од втората шпанска лига.
Трагедијата се случи на 2 ноември, кога Овоно истрча надвор од шеснаесетникот во обид да пресече долга топка, но се судри со противничкиот фудбалер, удирајќи го со коленото.
Де Мигел изгубил свест, бил реанимиран на теренот и итно пренесен во болница, каде што починал следното утро.
Според шпанските медиуми, Овоно е длабоко потресен и сериозно размислува да се повлече од професионалниот фудбал.
Ана Маје, координаторка на репрезентацијата на Екваторијална Гвинеја и негова долгогодишна блиска соработничка, открила дека голманот особено тешко ја поднесува помислата на сопругата и едноиполгодишното дете на починатиот фудбалер.
„Никој не излегува на фудбалски терен со намера да убие друг играч“, изјавила Маје, нагласувајќи дека станува збор за трагична несреќа.
Дополнителен удар за Овоно се навредите насочени кон неговото семејство. Според Маје, неговиот помлад брат, кој игра фудбал во Баскија, е изложен на навреди, а последиците ги чувствува и неговата сестра.
Клубот Андора му обезбедил стручна психолошка помош, додека неговата мајка пристигнала за да биде покрај него.
По трагедијата, Овоно го деактивирал својот профил на Инстаграм, а нема да настапи ниту за репрезентацијата на претстојните квалификациски натпревари.
Шпанската полиција отвори истрага за утврдување на околностите на смртта, според редовната постапка за случаи на неприродна смрт.
Засега нема потврда дека Овоно донел конечна одлука за повлекување од фудбалот.










