Оваа сабота, во Скопје ќе се одржи протестен марш во знак на солидарност со палестинскиот народ и осуда на воените дејства врз Појасот Газа. Настанот е закажан за 12 часот пред споменикот „Симфонија на мирот“, спроти гимназијата „Јосип Броз Тито“, а маршот ќе заврши пред Владата на Република Северна Македонија.
Организаторите најавуваат дека протестот е одговор на, како што велат, „двегодишниот брутален геноцид врз цивилното население во Газа“, за кој го обвинуваат израелскиот режим, поддржан од западните сили.
„Ова не е само марш, туку и акт на отпор и поддршка за хуманитарната мисија на интернационалната флотила 'Глобална Хуманитарна Флотила Сумуд', која се обидува да ја пробие блокадата на Газа и да достави помош до загрозеното население“, истакнуваат организаторите.
Тие додаваат дека протестот ќе има и симболична димензија: почнува пред споменикот на жртвите од Холокаустот, со порака дека „историјата не смее да се повтори, без разлика на јазикот на децата што плачат“.
Маршот завршува пред Владата, со порака дека македонските власти мора јасно да се позиционираат и да покажат хуман однос кон настаните на Блискиот Исток.Организаторите повикуваат на масовно учество, мирен протест и почитување на основните човекови права.