Во населеното место Идризово во Општина Гази Баба започна реализацијата на првата фаза од изградбата на нова фекална канализациска мрежа, проект кој треба да донесе подобри услови за живот за жителите и да придонесе за заштита на животната средина.
На терен денеска извршија увид премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа и градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски.
Со проектот е предвидена изградба на 1.478 метри нова фекална канализациска мрежа, а вредноста на договорот изнесува околу 50 милиони денари. Средствата се обезбедени преку вториот јавен повик на Владата.
Градоначалникот Стефковски посочи дека Општина Гази Баба во изминатиот период реализирала околу 36 километри нова фекална канализација во Смилковци, Црешево, Страчинци, како и низ повеќе фази во Јурумлери и Гоце Делчев.
Тој најави дека наскоро ќе започне и реализацијата на последната фаза од канализацијата во Јурумлери, за која исто така се обезбедени средства.
Во меѓувреме, во постапка е и изборот на економски оператор кој треба да ја реализира последната фаза од изградбата на фекалната канализација за населените места Гоце Делчев и Чукур Маало, како и за Трубарево.
„Од првиот ден на мојот мандат работиме интензивно на решавање на децениските проблеми во повеќе населени места“, истакна Стефковски.
Министерот Хоџа оцени дека проектот е од особено значење не само за жителите на Идризово, туку и за животната средина во поширокото подрачје.
Според него, Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува со вложувања во инфраструктурни проекти кои треба трајно да ги решаваат проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Премиерот Мицкоски порача дека изградбата на канализациската мрежа во Идризово е меѓу проектите кои Владата ги поставила како приоритет, со цел подобрување на инфраструктурата и животниот стандард.
Од Општина Гази Баба најавуваат дека градежните активности ќе продолжат и во други населени места, со паралелна реализација на проекти за училишта, детски градинки, спортски објекти, улици и канализациски мрежи.









