По повод верскиот празник Задушница, утре, во сабота, во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на улиците кои водат кон градските гробишта. Министерството за внатрешни работи информира дека ќе бидат преземени посебни сообраќајни мерки со цел да се овозможи безбедно и непречено движење на возилата и граѓаните кои ќе ги посетуваат вечните почивалишта на своите блиски.
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје најавуваат дека посебниот режим ќе започне во 6 часот наутро.
Најголеми промени ќе има во сообраќајот кон градските гробишта Бутел, каде што движењето на возилата ќе се организира еднонасочно, во кружен правец.
Возачите кои ќе се упатуваат кон гробиштата ќе треба да се движат по следната траса: прво по улицата „Бутелска“, потоа да свртат лево по улицата „Александар Урдаревски“, продолжувајќи лево по „Боца Иванова“, а потоа десно кон влезот на градските гробишта.
Посебни правила ќе важат и за возилата кои ќе го напуштаат просторот на гробиштата. За излез, тие ќе треба да се движат десно по улицата „Боца Иванова“ до кружниот тек со „Бутелска“. Потоа ќе продолжуваат лево по „Бутелска“, а од таму ќе свртуваат десно кон улицата „Кемал Сејфула“.
Освен кај гробиштата Бутел, посебен сообраќаен режим ќе биде воспоставен и во околината на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров, каде што исто така се очекува зголемено присуство на граѓани и возила по повод празникот.
Од Министерството за внатрешни работи упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставената сигнализација, наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници на улиците опфатени со посебниот режим.
Возачите се повикуваат да бидат внимателни, да ги следат инструкциите на полицијата и да се придржуваат до привремено изменетиот начин на движење за да се избегнат метежи и да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот во текот на Задушница.






