ПРВ.мк
Македонија

КАТАСТРОФА ЗА СТОЧАРИТЕ: Сипаниците косат цели стада низ Македонија - ова е бројката на уништени стада!

КАТАСТРОФА ЗА СТОЧАРИТЕ: Сипаниците косат цели стада низ Македонија - ова е бројката на уништени стада!

Состојбата со сипаниците кај овците станува сè посериозна и предизвикува големи материјални загуби за сточарите. Од Здружението на сточари предупредуваат дека на терен ситуацијата е критична и дека реакцијата на надлежните институции е задоцнета.

Според претседателот на здружението, Насер Џемаили, болеста веќе сериозно го погодила источниот дел од земјата. Над 100 сточари, како што тврди тој, досега останале без цели стада, што директно ја загрозува нивната егзистенција.

Од Министерството за земјоделство, пак, информираат дека бројот на активни жаришта е намален од 30 на 11. Заменик-министерот Албрим Хоџа посочи дека од Турција се побарани 500.000 дози вакцини, но нивната примена засега е одложена поради координацијата со Европската Унија и можниот ризик од ограничувања за извоз на месо.

Сточарите, сепак, бараат вакцинацијата да започне што е можно побрзо. Тие сметаат дека заштитата на стадата мора да биде приоритет, и покрај можните последици врз извозот.

Сериозна е ситуацијата и во соседна Грција, каде што болеста предизвика една од најголемите кризи во сточарството во последните години. Регистрирани се илјадници жаришта, од Еврос на истокот до Пелопонез, а уништени се повеќе од 400.000 грла добиток.

Поради ширењето на болеста, Европската комисија воведе строги рестриктивни мерки во погодените подрачја во Грција, меѓу кои ограничувања на движењето на животните и производите, како и мерки поврзани со кланиците.

Состојбата во регионот е сериозно предупредување и за останатите земји, а особено се нагласува потребата од навремена вакцинација, карантин, контрола на движењето на животните и доследно спроведување на мерките за спречување на понатамошното ширење на болеста.

Најнови вести