ПРВ.мк
Скопје

„Предупредувавме дека може да дојде до ова“: Љупчо исчезна пред 10 дена, семејството бара одговори

„Предупредувавме дека може да дојде до ова“: Љупчо исчезна пред 10 дена, семејството бара одговори

Десетти ден трае потрагата по Љупчо, кој е пријавен за исчезнат, а неговото семејство сè уште нема информации каде се наоѓа. Неговиот внук Дарко јавно побара одговорност од институциите, тврдејќи дека семејството уште пред исчезнувањето повеќепати предупредувало дека Љупчо има сериозни психички проблеми и дека му е потребна стручна помош.

Според Дарко, во периодот пред исчезнувањето имало ситуации кога неговиот вујко престанувал да ја зема терапијата, по што неговото однесување значително се менувало. Тој наведува дека станувал збунет, се губел и се однесувал непредвидливо.

„Ние како семејство предупредувавме. Го пријавувавме неговото однесување. Пријави имаше и од станарите во неговата зграда. Не го правевме тоа за да му наштетиме, туку токму спротивното – за да му се помогне навреме и да не дојде до трагедија“, наведува Дарко во својата објава.

Тој тврди дека семејството во повеќе наврати барало помош од полицијата. Како што наведува, при последното обраќање им било кажано дека е потребен упат од лекар за Љупчо да може да биде однесен на болничко лекување.

Според неговите тврдења, семејството го обезбедило потребниот документ, но потоа добило информација дека во болницата нема услови за негово сместување поради реновирање.

Дарко тврди и дека при една од последните реакции од полицијата семејството добило одговор дека не може да се преземе ништо доколку Љупчо во тој момент бил мирен.

„Каде беше системот кога баравме помош?“

Сега, десет дена откако Љупчо исчезна, семејството бара одговори за тоа што било преземено пред неговото исчезнување.

„Денес Љупчо го нема 10 дена. И сега прашуваме: каде беше системот кога баравме помош? Каде беше полицијата кога предупредувавме? Зошто семејството мора само да се организира и да го бара?“, пишува неговиот внук.

Во меѓувреме, семејството самостојно споделува апели, проверува различни локации и собира информации за можните места каде би можел да се наоѓа Љупчо.

Дарко нагласува дека семејството стравува за неговиот живот и безбедност, особено поради неговата состојба и можноста да се наоѓа во ситуација во која не може сам да си помогне.

„Не сакаме ничија трагедија да стане причина утре да се прашуваме што можело да биде направено порано. Се плашиме за неговиот живот и за неговата безбедност“, наведува тој.

Семејството бара итна и сериозна потрага, но и одговори од надлежните институции за постапувањето во периодот пред исчезнувањето.

„Ова нема да го оставиме вака. Ќе одиме до крај. Не само за Љупчо. Туку за да не се случи утре истото со некој друг човек чие семејство ќе бара помош, а ќе биде оставено само“, порача Дарко.

Љупчо е пријавен за исчезнат во СВР Скопје, а од МВР претходно соопштија дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

Семејството повторно апелира до сите граѓани кои го виделе Љупчо или располагаат со каква било информација за неговото движење или местото каде би можел да се наоѓа, да се јават на 073-717-090 или во најблиската полициска станица.

Најнови вести